
„Часови без часовник“ и „Џез, буки, веди“ – за крај на второто издание на „Видик“
Со промоцијата на сонетниот венец „Часови без часовник“ од Владимир Мартиновски и музичкиот настан „Џез, буки, веди“, вечерва (16 април) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе заврши второто издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.
Промоцијата на „Часови без часовник“, која почнува во 20 часот, ќе биде збогатена со изложба на слики од Владимир Мартиновски, кои се дел од оваа книга. Сонетниот венец, издаден од „Арс Ламина“, ќе го промовираат Оливера Ќорвезироска и Анастасија Ѓурчинова, а потоа ќе следува поетско читање со Биљана Стојановска и самиот автор.
„Часови без часовник“ не е обична книга – тоа е изблик на бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е преплетен со интензивно обоени дигитални графики, нуди уникатно читателско доживување со сите сетила. Во книжевна смисла, тоа е поетско дело составено од четиринаесет сонети со по четиринаесет стиха, поврзани во сонетен венец според прешерновско-петраркистичкиот модел.
Во 21 часот ќе се одржи музичкиот настан „Џез, буки, веди“ во изведба на „Јани Костурски квартет“. Во составот настапуваат Јани Костурски, Филип Димишковски, Зоран Павловски и Павел Ренџов, а специјален гостин ќе биде Трајче Велков. „Џез, буки, веди“ е уникатен музички проект во кој, низ звуците на џез-стандардите, ќе се проткаат текстови на македонски јазик – нови, лирски видувања на познати џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.
Во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беа одржани 15 настани што ја поврзуваа литературата со музиката, театарот, дизајнот и филмот. На програмата беа промоциите на: романот-басма „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска, книгата посветена на Ѓорѓе Балашевиќ – „Панонскиот адмирал“ од Иван Ивачковиќ и партизанскиот роман на Моџо Килингтон – „СФ-СН“, сите во издание на „Арс Ламина“.
Публиката уживаше и во музичките настапи на: Дина Јашари (со музичарите Андреа Мирческа, Драган Теодосиев и Лука Тошев), Зарина Првасевда, Симеон Ангеловски квартет (со Иван Иванов, Давид Горгиев и Андреј Петровски) и Rumble Acoustic во состав: Трајче Стојанов и Александар Јовановски.
На програмата беа и театарската претстава „Лекција“ од Ежен Јонеско, со Јовче Пандев, Калина Велковска и Маја Ѓурчевска, како и монодрамата „Сите најубави нешта“ со Игор Ангелов, во режија на Дејан Пројковски.
За најмладите беа изведени музичко-театарските претстави „Магичната флејта на Вулфи“ и „Себастијан и ѕвездите“, а програмата беше збогатена и со изложбата „Соѕвездие на детските сни“, со илустрации од Ване Костуранов.
Вчера, по повод Светскиот ден на уметноста (15 април), се одржа вечер посветена на уметникот Киро Урдин, со проекција на документарниот филм „Планетариум“ и изложба на негови фотографии и афоризми.
Фестивалот имаше и хуманитарен карактер – средствата од продажбата на билети за музичките и театарските настани ќе бидат наменети за настраданите во несреќата во Кочани.
ПР објава