За оваа мајка нема граници: Родена е без раце, но за нејзината ќерка има прегратка секој ден

За оваа мајка нема граници: Родена е без раце, но за нејзината ќерка има прегратка секој ден

Објавена во: Совети // Семејство

„Интересно е што денес се покажува и демистифицира попреченоста. Сакам да покажам дека мојот живот е нормален како и на сите други“, вели Сара.

Сара Талби, уметница од Белгија, е родена без раце. Не сака да молчи за својот инвалидитет, напротив. Своите животни искуства ги споделува секојдневно на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок, особено оние кои се однесуваат на нејзината тригодишна ќерка Лилија.

Утрото, кога ќе се разбуди, Лилија најпрво ја здогледува насмевката на мајка си, ги става рацете околу вратот на мајка си, а нејзината мајка, иако без раце, со силата на телото ја вади од креветчето. И започнува нивниот активен ден.


На видеата се гледа како Сара седи во кујната подготвува разни јадења, од ручек до мали слатки кои бараат прецизни постапки.

Внимателно ја облекува ќерка си, со стапалата, веќе имаат разработена техника на подготовка, а облекувањето завршува со правење фризура.

А Сара сето тоа го прави со широка насмевка.

- Лудо и неверојатно е што ме „следат“ толку многу луѓе. Интересно ми е што денес се покажува и демистифицира попреченоста. Сакам да покажам дека мојот живот е нормален како и на сите други. Мислам дека моите следбеници разбираат дека, сè на сè, мојот и нивниот живот не се толку различни - вели Сара и нагласи колку ѝ е важно што нејзината ќерка е запознаена и со хендикепот.

- Мојот хендикеп не е табу и Лилија тоа многу добро го разбира. И самата сум многу изненадена од тоа колку природно се однесува околу мојот хендикеп, како да е само детал. Таа вели дека мама нема раце, но има нозе или некои луѓе имаат раце, а некои немаат. Гледа дека ова е нешто поразлично, но ништо повеќе од тоа - изјави оваа млада мајка и додаде дека нејзиниот сопруг е секогаш тука за со неа да го подели товарот.

Сепак, иако сега сè изгледа изненадувачки лесно во секојдневното функционирање на Сара со нејзината ќерка, таа признава колку многу се плашела дека ќе ја повреди додека била новороденче и толку „кревка“. Со текот на времето, работите очигледно станале многу полесни.

Сара не сакала да зборува за приватниот живот на социјалните мрежи, тоа бил простор за промоција на уметноста, но бидејќи добила многу прашања од следбениците на социјалните мрежи за тоа како таа и нејзиниот сопруг се справуваат со детето и секојдневните обврски, Сара сега сè повеќе зборува и за семејните моменти.

Многумина ги доближи до животот со хендикеп, но и покажа дека нема граници - дека прегратката е возможна и кога немаме раце за гушкање, но имаме некој што сакаме цврсто да го гушнеме.

Извор: ona.telegraf.rs


Објавена во: Совети // Семејство

Можеби ќе ве интересира: